Членовите на Работната група со Декларацијата од Меѓународниот форум за Холокаустот во Стокхолм сметаат дека:
1. Холокаустот (Шоа) ги разниша темелите на цивилизацијата. Карактеристиките на холокаустот како уникатен феномен имаат универзално значење. После половина век холокаустот и понатаму е настан кој временски ни е доволно близу за преживеаните да можат да сведочат за ужасите што му се случија на еврејскиот народ. Ужасното страдање на многу милиони други жртви на нацизмот оставиле неизбришлива лузна низ цела Европа.
2. Интензитетот на холокаустот планиран и спроведен од нацистите мора да биде засекогаш запишан во нашата колективна меморија. Несебичната жртва на оние што се спротивставија на нацистите и ги дадоа своите животи за да ги заштитат или спасат жртвите од холокаустот, исто така, мора да остане во нашите срца. Обемот на овие ужаси и возвишувањето на нивниот хероизам можат да бидат показател за нас во разбирањето на човечкиот потенцијал за правење добро и зло.
3. Човештвото сè уште носи лузни од геноцидот, етничко чистење, расизмот, антисемитизмот и ксенофобијата, а меѓународната заедница има голема одговорност во спречувањето на овие зла. Страшната вистина за холокаустот мора сите заедно да ја браниме против оние што ја негираат. Ние мора да ја зајакнеме моралната посветеност на нашите народи и политичката посветеност на нашите влади за да обезбедиме можност идните генерации да ги разберат причините за холокаустот и да размислуваат за последиците од него.
4. Се заложуваме за засилување на нашите напори за промовирање на образованието, сеќавањето и истражувањето на холокаустот во земјите кои веќе направиле многу, како и во оние кои ќе одберат да се приклучат на овие напори.
5. Се обврзуваме дека ќе го охрабриме предавањето за холокаустот на сите расположливи начини. Ќе го промовираме образованието за холокаустот во нашите училишта и универзитети, во нашите заедници, а на предавање и учење за холокаустот ќе ги охрабруваме и другите институции.
6. Се обврзуваме дека ќе ги паметиме жртвите на холокаустот и ќе им оддаваме почит на оние што му се спротивставиле. Нашите држави ќе ги поддржиме за на соодветен начин да се сеќаваат на холокаустот, вклучително го и одбележување на Денот на сеќавањето на холокаустот.
7. Се обврзувеме дека ќе ги осветлиме скриените сенки на холокаустот. Ние ќе ги преземеме потребните чекори за да овозможиме отворање на архивите така што сите документи што се однесуваат на холокаустот ќе бидат достапни за истражувачите
8. Соодветно е оваа прва голема меѓународна конференција во новиот милениум да ја објави својата заложба за сеење семе на подобра иднина во почвата на горчливо минато. Сочувствуваме со страдањето на жртвите и наоѓаме инспирација во нивната борба. Нашата обврска мора да биде да се потсетиме на починатите жртви, да ги испочитуваме преживеаните кои сè уште се со нас и да ги признаеме заедничките аспирации на човештвото за меѓусебно разбирање и правда.